Песна во Аеродром, МЗТ е во финале

Македонскиот претставник во втората АБА лига, МЗТ Скопје Аеродром, го победи Спарс со 84-70, и со 2-0 во победи се пласираше во финалето на оваа лига. За пласман во елитното јадранско друштво, на МЗТ му треба триумф и во финалето, најверојатно со Приморска, а ако не успее, тогаш останува бараж со Задар кој беше претпоследен во првата АБА.

МЗТ тргна мотивирано, добрата одбрана придонесе за лесни поени и водство од 11-2. Домашните беа во континуирано водство во првото полувреме, а најголемата предност од 41-31 беше во 19. минута, но Спарс со две тројки ја ублажи негативата со која се замина на пауза.

Македонскиот тим добро го отвори и второто полувреме, Спарс првиот кош во третата четвртина го даде после четири минути игра. Сараевскиот тим се доближуваше, МЗТ со мини-серии повторно се одлепуваше, па во последните десет минути се влезе со 60-52.

После блокадата на Самарџиски на 4 и пол минути до крајот, беше запрен обидот на гостите да се доближат посериозно, па екипата на МЗТ почна да игра нешто послободно, а од трибините почна славеничка песна иако имаше уште доста да се игра.

Иве Иванов со 24 поени, 9 скока и пет асистенции, беше најкорисен поединец во победничкиот тим, додека Дамјан Стојановски заврши со 19 поени.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

- Оглас -

Најнови вести