Петра Мартиќ по стапките на Горан Иванишевиќ

Хрватската тенисерка Петра Мартиќ на 28-годишна возраст за првпат во кариерата освои турнир на ВТА, и стана првата жена од Сплит на која ова ѝ пошло од рака, наследувајќи ги сограѓаните како Никола Пилиќ, Марио Анчиќ и Горан Иванишевиќ, кои исто како и неа, како млади тенис тренираа во клубот Фируле.

Мартиќ го освои турнирот во Истанбул, а ова беше нејзино трето ВТА финале (губеше во Сингапур 2012 и Букурешт 2018 година). Таа во финалниот дуел со Маркета Вондрушова од Чешка, го загуби првиот сет со 1-6, но потоа ги доби наредните два со 6-4 и 6-1. На новата ВТА ранг-листа, Мартиќ ќе биде на 35-тото место.

Инаку, ова е 16-та титула за хрватските тенисерки. Најуспешна е Ива Мајоли со 8, Мирјана Лучиќ Барони има три, Дона Векиќ и Силвија Талаја по два, а Ана Коњух една титула.

ТИМ ДОМИНИРАШЕ ВО БАРСЕЛОНА

Австриецот Доминик Тим е победникот на машкиот турнир во Барселона. Тој во финалето го надигра Данил Медведев со 6-4, 6-0, и дојде до 13-тата титула во кариерата. Вториот сет траеше само 22 минути.

Тим до трофејот дојде без загубен сет на земјените терени на кои во претходните десетина години доминираше Рафаел Надал. Тим во полуфиналето беше подобар и од Надал, потврдувајќи дека е во форма. Ова е негова втора титула годинава, после оваа во Индијан Велс. Од утре, Тим ќе биде петти тенисер на АТП листата.

 

- Оглас -

Најнови вести