Пиоли: Сè се смени по мечот со Рома

Фудбалерите на Милан денеска доживеаја дебакл, пред своите гледачи примија пет гола за прв пат по 26 години и шансите за одбрана на титулата ги сведоа на теорија. Милан остана на 38 бода, додека лидерот Наполи има 50 и натпревар помалку.

Росонерите играат очајно во 2023 година и имаат само една победа во шест натпревари, денеска загубија со 2:5 од Сасуоло, по што тренерот Стефано Пиоли, изјави дека ова не е екипата која минатата година триумфира во Серија А.

„Разочарувањето е огромно. Очигледно е дека се наоѓаме во големи проблеми на последните натпревари и некои работи мора да се променат доколку сакаме да бидеме тимот каков што бевме“, изјави Пиоли.

Милан во последните три меча прими дури 12 гола, денеска пет од Сасуоло, во вторникот четири од Лацио, а претходно три од Интер во Суперкупот.

„Начинот на кој останавме без победата на натпреварот со Рома кога водевме со 2:0, влијаеше на нас. Од тој натпревар се се промени, не исти играчи ниту на технички ниту на психички план. Сега не реагираме кога противникот ќе ни зададе удар“, додава Пиоли.

За работите да бидат полоши за Пиоли, следниот предизвик за Милан во Серија А е градското дерби, популарното „Дерби дела Мадонина“ против Интер.

- Оглас -

Најнови вести