Пирова победа на Клиперс и крвава повреда на Кавај Ленард (Видео)

Пирова е победата на Лос Анџелес клиперс против Денвер нагетс со 121:108, а расположението во таборот на еден од главните фаворити за титулата во НБА го расипа повредата на Кавај Ленард.

Најдобриот кошаркар на тимот од Лос Анџелес настрада и заработи „крвава“ повреда, откако беше удрен со лакт во лицето од соиграчот Серж Ибака.

По укажаната помош на терен, Ленард се крена на нозе и со помош на медицинските лица замина во соблекувална, но потоа не се врати на паркетот.

Тренерот на Клиперс, Тајрон Лу изјави дека е оптимист и дека не се работи за тешка повреда.

„Кавај е цврсто момче. Успеа сам да стане и да замине во соблекувална. Верувам дека се ќе биде в ред“, изјави Лу.

Клиперс имаат одличен старт во новата сезона со победи против главните конкуренти за првото место во Западната конкуренција, Лос Анџелес лејкерс и Денвер нагетс, но ако повредата на Ленард е посериозна, тоа ќе биде голем удар за една од најквалитетните екипи во НБА лигата.

 

 

 

 

- Оглас -

Најнови вести