Дибиров: Ние сме фраери, две титули за три години! Писонеро: Ова е меч на сезоната за нас

Европскиот и македонски првак Вардар се подготвува за дербито против Кил кое ќе се игра во рамките од четвртото коло во Лигата на шампионите. Црвено-црните ќе атакуваат на четврта победа со цел да ја задржат лидерската позиција во групата Б. Во сабота (17:30 часот), во Скопје гостува германскиот гигант Кил, кој покрај Вардар, е единствениот непоразен тим досега во групата.

Во пресрет на мечот, тренерот Давид Писонеро се изјасни околу средбата со очекувања дека Вардар пред домашните навивачи ќе го покаже целиот квалитет.

„Мислам дека ова е исклучително важен меч за нас, можам да кажам дека е меч на сезоната во досегашниот дел. Ни беше тешко во првото коло против Монпелје, но сега имаме тежок предизвик пред домашна публика и сакаме да одиграме на високо ниво. Кил е навистина голем клуб, има силен тим, кој игра многу добро во моментов. Сезоната ја започнаа пред нас, што значи дека се поразиграни и се подобрија откако последен пат се сретнавме на Супер Глоуб пред околу месец и пол. Сакаме да ги израдуваме навивачите и нацијата, повторно да ги направиме горди Македонци, како што се чувствувам и јас. Сите играчи кои ми се на располагање се подготвени за дуелот во сабота, тренираат нормално и знам дека ќе одат максимално расположени и фокусирани на нашата цел“, истакна Писонеро.

Тимур Дибиров доста мотивирано говореше за дуелот и со нетрпение го очекува нападот на Кил. Очекува тежок натпревар знаејќи ги квалитетите на противникот, но верува дека Вардар игра многу подобро против силни екипи отколку со тимови од понизок ранг.

„Среќен сум што дојде време да играме ваков важен натпревар. Повеќе се плашиме кога играме со послаби екипи бидејќи секогаш има ризик да претрпиме шок. Но, кога играме со тим како Кил, страв не чувствуваме бидејќи ни одговара да играме со гиганти. Со нетрпение чекам да видам дали Кил може да го победи Вардар во Скопје, да покаже кој е и што е. Тука доаѓале многу големи екипи, но ретко кој може да ни ги загрози мечевите тука. Овој меч, пред сè, треба уживаме како ние така и навивачите и да издвоиме победа. Зборувам мотивирано бидејќи сме европски шампиони, ако не се фалиме сега дека сме фраери кои освоија две титули во три години, тогаш кога?“, изјави Дибиров.

- Оглас -

Најнови вести