Плејофот во АБА 2 лигата од 20-ти март до осми април

МЗТ Скопје Аеродром својата битка за титула во втората АБА лига и враќање во елитната АБА ќе ја води кон крајот на март и почетокот на април. Денеска се објавени датумите за плејофот.

Полуфиналето се игра во две добиени. Првиот меч е на 20-ти март, вториот четири дена подоцна, а евентуалната мајсторка е на 28-ми март. МЗТ се бори со сараевски Спарс за второто место, што би била голема предност во плејофот.

Финалето се игра во забрзан ритам и во три добиени средби. Датумите се први, втори и четврти, евентуално ако има потреба, петти и осми април.

Ова значи дека МЗТ најдоцна до крајот на првата третина од април ќе знае дали ќе добие прилика во следната сезона да се врати во главната АБА. Првакот на АБА 2 оди директно во повисок ранг, а поразениот финалист игра бараж во две добиени против претпоследниот од првата јадранска лига, со тоа што евентуалната мајсторка би се играла во салата на тимот од главната АБА.

„Штрковите“ уште немаат обезбедено место во плејофот, во последните три кола имаат незгодни мечеви, а во последното коло од регуларниот дел го пречекуваат директниот ривал Спарс.

- Оглас -

Најнови вести