По голема борба во финалето во Мелбурн, Сабаленка испиша историја и стигна до првата гренд слем титула

Белорусинката Арина Сабаленка е освојувачка на трофејот во Австралија опен во женска конкуренција. Во големото финале, кое траеше два и пол часа, Сабаленка со 2:1 во сетови ја победи Елена Рибакина од Казахстан.

За Сабаленка ова е најголем успех во кариерата и прв Гренд слем трофеј. Претходно два пати има играно во полуфинале на САД Опен и еднаш во полуфинале на Вимблдон, но никогаш не играла меч за трофеј. Сега, во првиот таков обид, стигна до тронот.

Во финалето, Сабаленка не започна најдобро, па во првиот сет два пати губеше гејм на свој сервис, па го загуби првиот сет со 6:4. Во вториот сет, еден брејк беше решавачки, а го освои Сабаленка, кога поведе со 3:1 и до крајот ја задржа предност за 6:3 и израмнување на 1:1 во сетови.

Третиот сет кој требаше да го реши шампионот, беше вистински шлаг на финалето. Двете тенисерки беа сигурни на свој сервис до 3:3. Во седмиот гејм се случи клучниот момент. По голема борба, Сабаленка ја искористи третата брејк топка и поведе со 4:3. На 5:4, белоруската тенисерка сервираше за шампионска титула и имаше дури три пропуштени меч топки, но на крајот, четвртата меч топка ја доби Сабаленка и се израдува на најголемиот успех во кариерата.

Овој триумф на Сабаленка е сосема заслужен ако се знае дека во 2023 година, до финалето, имаше биланс од 10 победи и не само што немаше загубено меч, туку немаше загубено ни сет. Против Рибакина го загуби првиот сет, но успеа да се врати и да слави.

- Оглас -

Најнови вести