По повеќе од две децении ракометната ЛШ ќе се игра без македонски клуб

Еурофарм Пелистер како вицешампион на Македонија нема да добие „вајлд-карта“ за место во Лигата на шампионите за сезоната 2022/23.

Ова значи дека првпат од сезоната 2000/01 најелитното ракометно првенство во Европа ќе се одржува без македонски претставник.

По исфрлувањето на Вардар, надежите беа дека можеби битолчани ќе го пополнат тоа место, но ЕХФ денеска ја објави листата на екипи кои ќе се натпреваруваат во новата сезона, а меѓу нив не е Пелистер.

Девет екипи како шампиони во своите првенства имаат гарантирано место, тоа се: Барселона, ПСЖ, Порто, Пик Сегед, Кјелце, Динамо Букурешт, ГОГ, Магдебург и Кил како единствени две екипи од Германија со гарантирано место.

Останатите екипи кои аплицираат за учество се: Алборг, Нант, Веспрем, Спортинг, Баја Маре, Гранолјес, Висла. Уште шест екипи од Лигата на Европа аплицираа за промоција во највисокиот ранг: Загреб, Елверум, Истадс, Мотор Запорожје, Шафхаузен и Целје.

- Оглас -

Најнови вести