По жестоките казни од КФСМ, реакција од МЗТ: Дали вакво нешто би се случило и во Северна Кореја?

МЗТ Скопје Аеродром е казнет со 300.000 денари од страна на Дисциплинската комисија при КФСМ поради постови објавени на официјалните профили на кошаркарскиот првак на социјалните мрежи. Од Дисциплинската комисија утврдиле дека на објавите на социјалните мрежи имало и навредлива содржина, па затоа е казнет клубот, но и директорот Тони Грнчаров.

Се работи за фотографијата која е направена по освојување на Суперкупот, кога капитенот на МЗТ, Дамјан Стојановски, позира со пехарот, а во позадина е Перо Антиќ, чиј лик е „заматен“.

По дознавањето за паричната казна за клубот, но и суспензијата од две години за Грнчаров, стигна и реакција од таборот на аеродромци.

„Кошаркарската федерација на С. Македонија (КФСМ) денеска, дури еден месец подоцна, го информира нашиот клуб дека Дисциплинската комисија (ДК) на 8 октомври донела одлука да го казни МЗТ Скопје Аеродром со 300.000 денари, а директорот Тони Грнчаров со двегодишна суспензија и тоа за објави на социјалните мрежи, што е нешто што досега не е видено не само во макбаскетот туку и во спортот кај нас во целост.

Ваквата одлука, на која би им завиделе дури и во земја како Северна Кореја, каде што демократијата, човековите права и слободата на говор се еднакви на нула, е донесена по пријава на Перо Антиќ, првиот човек на македонската кошарка, кој по некоја „случајност“ е прв меѓу еднаквите во Управниот одбор, кој самиот го предлага, а кој потоа ги избира членовите на ДК. Подобра потврда на народната „Кадија те тужи, кадија те суди“ не може да се најде ниту во најдобрите епизоди од „Македонските народни приказни“, стои во дел од реакцијата на МЗТ Скопје Аеродром, која целосно може да ја прочитате ТУКА.

МЗТ Скопје Аеродром од 18:30 часот денеска во „Јане Сандански“ игра против Работнички во вечното кошаркарско дерби.

- Оглас -

Најнови вести