Победа, па и пораз од 2-3 може да ја однесат Македонија во осминафинале

Македонските одбојкари синоќа испишаа историја, ја извојуваа првата победа на Европско првенство и порелаксирано може да се обидат да го направат тоа што изгледаше невозможно – да се најдат во осминафиналето. Денешен ривал од 17.30 часот е Словенија, која е голем фаворит, но нема премногу мотиви.

Шансите за место во нокаут-фазата се мали, но такви беа и во финишот на квалификациите за ова ЕП, па серија на резултати им одеа во прилог на избраниците на Никола Матијашевиќ и тие се најдоа на завршницата.

Од групата Ц јасно е дека понатаму одат Русија и Словенија, но остануваат уште две слободни места за коишто конкурираат четири тима, меѓу кои и Македонија. Наједноставната математика е каква било победа над Словенија, па дури и пораз од 2-3, а потоа да чекаме помош од Турците да ги добијат преостанатите средби со Белорусија вечерва и утре да победат 3-0 против Финска.

Словенија е домаќин, квалитетна репрезентација, но веќе обезбеди осминафинале, па пред директната пресметка за привилегираното прво место со Русија, веројатно ќе калкулира со минутажата на најдобрите. Словенците имаат подобар ефект во меѓусебните дуели во последните 10 години – 6:3, но без изразита доминација.

„И претходно покажавме дека можеме. Тие почесто нè победуваа, но тоа не беше со огромна доминација. Ние секогаш играме подобро со подобрите од нас. Верувам дека можеме. Ќе играме со срце на терен, па што сака нека биде“, вели капитенот Никола Ѓорѓиев.

- Оглас -

Најнови вести