Почнува првенството каде што тим со 98 бода не беше шампион!

Светското фудбалско првенство во Катар кое ќе се игра во ноември и декември ги присили најголем дел од европските првенства да стартуваат многу порано од предвиденото, па иако е почеток на јули, шампионатот во Србија стартува денеска.

Вождовац е домаќин на Нови Пазар во првиот меч од сезоната 2022/23. Како по обичај, уште пред да почне првенството, се знае дека две екипи ќе се борат за титулата, а тоа се Црвена ѕвезда и Партизан.

Минатата сезона и Црвена ѕвезда и Партизан имаа само по еден пораз во 37 меча, а на крајот Црвено-белите се радуваа на титулата благодарение на 32 победи и четири нерешени, што беше доволно да освојат точно 100 поени. Партизан заврши со 31 победа и пет ремија и тоа е единствениот тим во светот кој минатата сезона освои неверојатни 98 поени, а на крајот не беше првак на својата земја.

Во новата сезона Партизан утре ќе гостува кај Јавор во Ивањица, додека в недела Црвена ѕвезда на својот „Рајко Митиќ“ ќе го пречека Раднички Ниш.

Освен првенството во Србија, денеска стартува и шампионатот во Бугарија, а вечерва на мегдан ќе излезе првакот Лудогорец, и тоа на гости кај Септември Софија, која минатата сезона беше во втората лига.

- Оглас -

Најнови вести