Во текот на денешниот ден започнува сослушувањето на Премиер лигата во врска со прекршувањето на 115 финансиски правила од страна на Манчестер сити, а процесот ќе трае неколку месеци, според извештаите на британската телевизиска мрежа „Би-би-си“.
Манчестер сити е обвинет по четиригодишна истрага дека ги прекршил правилата за финансиски ферплеј во периодот од 2009 до 2018 година. Клубот ги негираше сите обвинувања и тврдеше дека има докази кои покажуваат дека не ги прекршил финансиските правила.
Премиер лигата наведе дека Манчестер сити наводно не обезбедил точни финансиски информации, што отежнало да се добие вистински и фер увид во финансиската состојба на клубот. Покрај тоа, клубот не ги почитувал правилата за финансиски ферплеј на УЕФА и не соработувал целосно во истрагата.
Манчестер сити може да се соочи со сериозни санкции, вклучувајќи одземање бодови или дури и исфрлање од Премиер лигата.
Сослушувањето ќе го води независна комисија, која по разгледување на доказите ќе донесе конечна одлука.
Манчестер сити од 2008 година до денес освои 24 трофеи, вклучувајќи осум титули во Премиер лигата, како и Лигата на шампионите во 2023 година.