Погба-шоу во Лондон: Јунајтед лесно го елиминираше Челзи

Манчестер јунајтед славеше на гостувањето кај Челзи со конечни 2-0 во дербито од осминафиналната рунда во ФА купот. Избраниците на Оле Гунар Солскјер беа многу подобри од играчите во сини дресови во средбата која се одигра на „Стемфорд бриџ“, а победата беше во режија на Пол Погба.

Францускиот играч за врска ја продолжи својата извонредна форма, во 31-вата минута му асистираше на Ерера за водство на гостите, а пред крајот на полувремето успеа да се запише во листата на стрелците откако по нафрлувањето на Рашфорд со глава ја смести топката зад грбот на Кепа.

Гостите од Манчестер воедно им се реваншираа на „сините“ за минатогодишниот пораз во финалето од ова натпреварување, по кое Челзи по осми пат го освои трофејот.

Јунајтед е последната екипа која обезбеди пласман во четврт-финалето во најстариот фудбалски Куп во светот. Претходно учество обезбедија: Вулверхемптон, Милвол, Манчестер сити, Свонси, Кристал палас, Ватфорд и Брајтон. Противниците во следната рунда ќе се знаат уште по вечерната ждрепка.

 

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

- Оглас -

Најнови вести