Покетино го величи Пеп пред петрол-дербито: Тој е најдобар тренер во светот

ПСЖ како европски вицешампион посакува да игра ново финале во ЛШ, но за да стигне до Истанбул, ќе треба да го елиминира Манчестер сити, идниот англиски првак. Светците предводени од Маурисио Покетино веруваат дека Аргентинецот ја има победничката тактика ако се знае дека пред две сезони, Тотенхем на Покетино го елиминираше Сити во четвртфиналната фаза.

Двајцата стратези делат долга историја која почна уште во 2008 година, кога беа предводници на градските ривали Барселона и Еспањол.

Во 18 меѓусебни средби, Гвардиола се радувал на 10 победи, Покетино само трипати бил на победничката страна, а пет меча на нивните екипи завршиле нерешено. Покетино памети еден триумф со 2-1 како тренер на Еспањол, и тоа сред „Камп ноу“ против тогашната моќна Барселона, која освои тројна круна.

Победа од 2-0 како менаџер на Тотенхем издвои Покетино против Манчестер сити на Пеп во сезоната 2016/17, додека последниот триумф беше во споменатиот четвртфинален двомеч, во кој Петлите славеа со вкупен резултат 4-4, односно дома триумфираа со 1-0, а на „Етихад“ загубија со 4-3.

Пред петрол-дербито, Покетино имаше само пофални зборови за предводникот на Манчестер сити, кој во саботата го освои својот 30-ти трофеј во тренерската кариера.

„Пеп е најдобар тренер во светот, едноставно му се восхитувам на неговиот успех. Фантастично си ја врши работата, секогаш смислува нови стратегии и тактики. Обожувам да сум во улога на предизвикувач на неговите екипи. Секако важно е и што Сити потполно има доверба во него, па не е ни чудо што заедно остваруваат големи успеси. Што се однесува до нас, знаеме дека ќе биде многу тешко да се пласираме во финалето“, истакна Покетино.

Првото полуфинале ќе се игра утре, на „Паркот на Принцовите“, додека реваншот на „Етихад“ е закажан за идниот вторник.

- Оглас -

Најнови вести