Полска ја одбрани светската титула

Репрезентацијата на Полска е старо-новиот светски првак во одбојка. Во финалето, Полска со 3:0 во сетови го победи Бразил, кој ја имаше фаворитската улога. Со овој триумф, Полска само го повтори успехот од пред четири години, кога се закити со златото. Вкупно, ова е трето искачување на планетарниот трон за Полјаците.

Првиот сет од финалето против Бразил беше најнеизвесен, а Полјаците имаа повеќе нерви и го добија со 28:26. Во вториот сет Полјаците добија поголема самодоверба, заиграа уште подобро и без поголеми проблеми го добија со 25:20.

Дека се ќе биде завршено по само три сета се насети, откако Полска поведе со 8:3, во сетот кој беше и последен. Предноста од неколку поени, беше до 20:15, а потоа Бразил успеа да стигне до 23:24, но не и да направи пресврт. Полска го искористи шампионскиот поен и го доби третиот сет со 25:23, за конечна радост и златен медал.

Бразилците мораа да се задоволат со среброто, а САД е третопласиран, откако со 3:1 денеска ја победи Србија.

 

- Оглас -

Најнови вести