Поминаа точно две години од смртта на Марадона, доколку беше жив сигурно ќе го следеше последниот мундијалски танц на Меси

Денеска се навршуваат точно две години од смртта на Диего Армандо Марадона, еден од двајцата најдобри фудбалери во минатиот век во изборот на ФИФА.

Легендарниот Ел Пибе кој беше неверојатен фудбалер, почина на 25 ноември 2020 година, а деновите по неговата смрт покажаа дека Диего, е бесмртен за сите кои го сакаат фудбалот. Дури и во време кога се игра Светското првенство, годишнината од смртта на легендарниот Аргентинец е една од главните вести во светските медиуми.

Да беше жив, Диего на сигурно ќе беше во Катар и ќе ја гледаше својата Аргентина, ќе седеше во друштво на својот пријател и претседател на ФИФА, Џани Инфантино, и во живо ќе го гледаше последниот танц на Лионел Меси на светските првенства.

Кариерата ја започна во 1976 година во Аргентинос Јуниорс, а по пет години се пресели во Бока Јуниорс. По само една година, тој беше купен од Барселона, каде што помина две сезони.

Потоа го направи трансферот на кариерата, се пресели во Наполи за кого играше од 1984 до 1991 година и на тимот од Неапол му донесе две титули во Серија А и со златни букви се запиша во историјата на италијанскиот тим и на светскиот фудбал. За тоа што им значеше Марадона, најдобро покажува одлуката на градот Неапол, стадионот да се преименува во Диего Марадона.

Во Неапол веруваат дека сега ги чува духот на Ел Пибе, Наполи е прв на табелата во Серија А, игра спектакуларно, и се мириса на реприза од сезоните 1986/97. и 1989/90 година кога тимот предводен токму од Марадона ги освои двете Скудета.

По Наполи, имаше одисеи во Севилја и Њуелс Олд Бојс, за во 1995 година седа врати во Бока јуниорс каде по две години реши да ја заврши кариерата.

Со репрезентацијата на Аргентина во 1986 година стана светски шампион откако во финалето ја совлада Западна Германија со 3:2. Тој Мундијал во Мексико ќе се памети токму по неговите мајстории и марифетлаци.

„Божјата рака“ или голот со рака против Англичаните во четврт-финалето и како и официјалниот најубавиот гол во историјата на Светските првенства кога ја издрибла целата одбрана на Гордиот Албион, се неизбришлива трага која ја остави легендарниот Ел Пибе.

Ел Пибе зад себе остави милиони неутешни навивачи и фудбалски фанови, остави фудбалски и нефудбалски приказни да се раскажуваат засекогаш. Поминаа цели две години, а светот сè уште жали за Марадона.

Во денот кога фудбалскиот свет тагува, Гаучосите предводени од Лионел Меси, се подготвуваат за утрешниот одлучувачки натпревар против Мексико. По поразот од Саудиска Арабија во првото коло, Аргентина не смее да си дозволи нов кикс, а најголема поддршка им дојде од татковината и тоа од поранешниот соиграч на Марадона, Хорхе Буручага.

„Момци, Диего е со вас, тој верува во вас“, порача Буручага.

- Оглас -

Најнови вести