Поради опасност од местенки: Српската Суперлига под посебен мониторинг од УЕФА

Фудбалската Суперлига во Србија денеска ќе продолжи со возбудувањата, а до крајот на сезоната преостануваат уште четири кола. Според пишувањата во тамошните медиуми, мечевите кои ќе се играат до крајот на првенството ќе бидат под посебен мониторинг од УЕФА, односно од органите задолжени за контрола на обложувањето.

Стравот е дека поради намалениот приход и рестрикцијата околу дозволата да има навивачи на стадионите, можно е да се случи некој да се обиде да „намести“ меч во Србија. УЕФА веќе го има означено мечот Смедерево – Кабел Нови Сад од втората по ранг лига во Србија како сомнителен, а двата клуба беа казнети со одземање по 10 бодови откако дојде известување за уплати во обложувалниците.

Во Суперлигата на Србија останува да се одиграат уште четири кола, а ситуацијата е речиси јасна. Црвена ѕвезда само теоретски треба да ја осигури титулата, Партизан ќе игра во квалификациите за Лигата на Европа, а непознато е дали Војводина ќе успее да го задржи третото место кое води излез во Европа или Бачка Топола ќе изненади.

Сите останати клубови речиси и да немаат никаков натпреварувачки мотив да ги одиграат преостанатите четири кола во лигата во која нема да има испаѓање, а немаат ни шанси да излезат во Европа. Токму затоа, УЕФА посебно внимание ќе посвети на мечевите кои од денеска па во следниот период ќе се играат за да се доигра прекинатото првенство во Суперлигата.

 

- Оглас -

Најнови вести