Австралискиот тенисер Макс Пурсел, двоен гранслем-првак во игра на двојки, прифати суспензија од 18 месеци поради прекршување на антидопинг-правилата, соопшти Меѓународната агенција за интегритет во тенисот (МАИТ). Пурсел е обвинет за несвесно примање интравенска инфузија со витамини во количина поголема од дозволените 100 милилитри во период од 12 часа, што е забрането според антидопинг регулативите.
Тенисерот беше привремено суспендиран во декември, а сега е потврдена конечната одлука за трајната суспензија. Иако случајот не вклучува позитивен допинг-тест, МАИТ нагласи дека антидопинг-правилата се пошироки и дека е важно да се одржи интегритетот на спортот и фер услови за сите играчи.
Пурсел ќе ја отслужи суспензијата до јуни следната година, земајќи го предвид веќе отслуженото време. Освен тоа, ќе ги изгуби сите бодови и парични награди што ги освоил од 16 декември 2023 до 3 февруари 2024, кога доставил прв негативен допинг-тест.
„Овој процес трае со месеци и сериозно влијаеше на квалитетот на мојот живот“, изјави Пурсел, кој во 2022 година беше шампион на Вимблдон во игра на двојки.