Поранешна ѕвезда на Арсенал со совет: Направете како Челзи и Јунајтед

Арсенал треба да го отпушти Емери и да им даде шанса на еден од Тјери Анри или Патрик Виера, смета некогашната клупска легенда Емануел Петит. Поранешниот француски репрезентативец смета дека е време Топчиите да ја копираат стратегијата на англиските ривали за тренер да ангажираат нивен поранешен играч кој оставил трага во црвениот дрес, како што направија Челзи со Френк Лампард и Јунајтед со Оле Гунар Солкјер.

„Верувам дека времето на Емери во Арсенал му истече. Резултатите воопшто не се добри, ниту пак можам да го препознаам тимот. Личат на просечна екипа која нема амбиции за големи нешта, а вината не може да се бара само во играчите. Според мене, клучните фудбалери на Арсенал веќе немаат доверба во нивниот тренер, па затоа е време за промена на клупата“, изјави Петит.

Петит ги посочи Анри и Виера како потенцијални замени за шпанскиот стратег, односно идеални опции кои би можеле да го вратат победничкиот дух во клубот од Северен Лондон. Арсенал по 12 кола е на шестата позиција во Премиер лигата со 17 бода, а составот на Емери веќе претрпи три порази.

Французинот со Арсенал освои една титула во Премиер лигата и една во ФА купот од 1997 до 2000 година, а во меѓувреме ги бранеше боите на Барселона и Челзи.

- Оглас -

Најнови вести