Пораз за Македонија У21 на Анталија купот во Турција

Младата фудбалска репрезентација на Македонија со пораз стартуваше на Анталија купот во Турција откако со 1-3 загуби од Украина. Ова беше прв меч за стратегот Боби Милевски по враќањето на клупата на селекцијата до 21 година. Украина поведе во 15-тата минута со голот на Вантук, а тоа беше и резултат по првите 45 минути.

Во вториот дел, Македонија одигра многу понапаѓачки, создаде неколку шанси, но наместо израмување, Украина во 72-рата минута зголеми на 2-0, и тоа благодарение на автоголот на Михаил Маневски.  Во 80-тата минута веќе беше 3-0, овојпат киксираше голманот Томас Божиноски, а стрелец на голот беше Топалов. Македонските надежи успеаја да постигнат почесен погодок во 85-тата минута со голот на Марио Крстовски.

Младата селекција на Украина досега ја имавме во добро сеќавање, бидејќи токму нивната победа против Исланд во последното коло од квалификациите помогна Македонија да се пласира на историското прво Европско првенство во Полска пред две години.

До крајот на турнирот, Македонија ќе игра против Летонија (24 март) и Естонија (26 март), додека против Казахстан, кој исто така е дел од турнирот, нема да играме бидејќи се наоѓаме во иста група од квалификациите за ЕП 2021 година.

- Оглас -

Најнови вести