Порто повторно ја „прегази“ Бенфика во големото дерби

Екипата на Порто по вторпат во период од седум дена славеше над Бенфика, овојпат со 3:1 но и во рамките на 16-то коло од португалската лига.

На стадионот „Драгао“, домаќинот уште еднаш демонстрираше моќ, а во првото полувреме поведе со 2:0 благодарение на головите на Фабио Виеира (34′) и Пепе (37′).

Веднаш на самиот старт од продолжението, Бенфика намали на 2:1 со голот на Роман Јаремчук. Но, во 49-тата минута капитенот Андре Алмеида доби втор жолт картон и гостите останаа со играч помалку на теренот.

И покрај хендикепот, Бенфика се закани преку Гончало Рамос во 63-тата минута, но Шансел Мбемба, дефанзивецот на домаќините, ја извади топката од самата гол-линија и спаси чист гол.

Дилемите околу победникот ги реши Мехди Тареми во 69-тата минута.

Овие две екипи се сретнаа пред седум дена во рамките на осминафилането на Португалскиот куп, каде што резултатот заврши со 3:0 во корист на Порто.

Со по 44 бода, Порто и Спортинг Лисабон ќе влезат израмнети во вториот дел од сезоната, додека Бенфика остана на 37 бодови.

- Оглас -

Најнови вести