По „петарда“ сменија тренер, со „петарда“ најавуваат нов

Победата од 5-0 на гостувањето кај Викторија П’лзењ најверојатно на Сантијаго Солари ќе му донесе официјален договор за прв тренер на Реал Мадрид. Солари во моментов е во улога на привремен, но тоа може да трае најмногу 15 дена, што значи до крајот на викендов.

Тој ќе седи на клупата и против Селта, а потоа или ќе се донесе нов тренер или Солари ќе добие договор. Веќе нема причина зошто тој да не остане тренер до крајот на сезонава. Близок е со претседателот Флорентино Перес, навивачите го сакаат, а и играчите по гостувањето во Чешка се изјаснија дека тој треба да ја води екипата.

Солари е единствениот тренер на Реал во последните 60 години кој ги добил првите три меча, и тоа без примен гол. Клубот има позитивно искуство со тренери кои ги ангажирал среде сезона, со тројца од нив освојувал европски титули. Аргентинецот Солари како играч освои ЛШ со Реал, добро го познава клубот и иако нема тренерско искуство, покажа дека има „икс фактор“.

Солари се осмели да го седне Модриќ на клупата, а без најдобриот играч за 2018, Реал ја прикажа најдобрата игра сезонава. Донесе одлука на голот да го форсира Куртуа пред Навас, а на бековските позиции им дава шанса на оние што не играа кај Лопетеги ниту кога Марсело и Карвахал беа повредени како сега. Тимот полека излегува од криза, а ако победи и во Виго, нема дилеми дека Солари ќе остане редовен тренер на „кралевите“.

- Оглас -

Најнови вести