Последни седум меча за Марко Ројс да биде запишан како херој

Марко Ројс е еден од ретките фудбалери кои може да се пофалат дека повеќе од една деценија се верни само на еден клуб. Откако во 2012 година дојде во Борусија Дортмунд, веќе 11 години е дел од Милионерите па сосма заслужено е и капитен на овој тим.

За квалитетот на Ројс покажува и фактот дека дури шест пати беше избран во најдобриот тим во Бундеслигата. Два пати се радуваше на трофеите во Купот на Германија, а три пати го освојуваше Суперкупот на земјата. Сепак, на Ројс му недостасува највредниот трофеј во Германија, а тоа е шампионскиот од Бундеслигата.

Сезонава, по 27 одиграни кола, Борусија Дортмунд е втора на табелата со 56 бодови, само два помалку од лидерот Баерн Минхен, кој една деценија доминира во Бундеслигата. За Борусија оптимизам влева фактот дека Баерн Минхен во овој период на доминација никогаш немал само 58 бодови во овој дел од сезоната.

Дека Баерн е ранлив покажа и елиминацијата во Купот на свој терен од Фрајбург, што значи дека Борусија Дортмунд уште има шанси да се бори за титулата, а Ројс на крајот од сезоната да го крене својот прв шампионски трофеј и да го исполни детскиот сон.

До крајот на сезоната, Борусија за ривали ги има Штутгарт, Ајнтрахт Франкфурт, Бохум, Волфсбург, Борусија М., Аугзбург и Мајнц. Според многумина, ова е последната шанса за Ројс и токму тој треба да биде мотиваторот на Милионерите во последните седум кола од првенството.

Ројс во дресот на Борусија досега одигра 380 меча во кои постигна 161 голови, а има и 120 асистенции. Јасно е дека Ројс е еден од легендите на Бундеслигата, но останува да видиме дали ќе успее да се впише во листата на фудбалери кои ја освоиле титулата во Бундеслигата.

- Оглас -

Најнови вести