Посмртните останки на Диего Марадона ќе бидат ексхумирани и пренесени во мавзолеј во Буенос Аирес

Судот во Аргентина донесе одлука посмртните останки на Диего Марадона да бидат ексхумирани од гробиштата во Бела Виста, каде што беше погребан, и да бидат пренесени во мавзолеј кој неговото семејство ќе го изгради во близина на центарот на Буенос Аирес.

Марадона, еден од најголемите фудбалери на сите времиња, почина на 61 година откако претрпе кардиореспираторен застој во својот дом, каде што се опоравуваше по операцијата на мозокот со која му беше отстрането крвно згрутчување.

Марадона е роден на 30 октомври 1960 година во Буенос Аирес. Ја предводеше фудбалската репрезентација на Аргентина до титулата светски првак во 1986 година, што беше врвот на неговата блескава кариера, во која играше за Аргентинос јуниорс, Бока јуниорс, Барселона, Наполи, каде што освои две титули во Серија А и стекна статус на божество. Потоа беше дел и од Севиља и од Њуелс Олд Бојс, а кариерата ја заврши во Бока јуниорс.

Неговото семејство сега планира изградба на мавзолеј во кој, според шпанските медиуми, „Марадона ќе пронајде вечен мир и ќе биде во близина на аргентинскиот народ“.


Мавзолејот ќе биде наречен „М10“ и еден негов дел ќе биде отворен за јавноста.

- Оглас -

Најнови вести