Пред три лета беше платен 15 милиони евра, а сега не го сакаат ниту за џабе

Саидо Берахино има одиграно повеќе од 100 меча во Премиер лигата, но сега не може да најде клуб за новата сезона. Напаѓачот кој ја носи и капитенската лента на Бурунди беше на тест во францускиот прволигаш Ним, но не доби договор, а тоа значи дека нема да биде соиграч на единствениот македонски интернационалец во Франција, Влатко Стојановски, кој летово потпиша за Ним.

Берахино е играч кој имаше одлични настапи во дресот на Вест Бромвич Албион, каде во три и пол сезони одигра 121 меч и даде 36 гола. Тоа беше знак да направи трансфер во Стоук, кој плати 15 милиони евра за трансфер на напаѓачот. Во Стоук не само што не продолжи во ист ритам, туку едноставно неговата форма ја снема.

Покрај тоа што Стоук испадна од Премиер лигата, Берахино беше прогласен за виновен дека возел под дејство на алкохол, па од клубот решија да му го раскинат договорот кој го имаше до 2022 година. Играчот се жали на оваа одлука, а во меѓувреме бара нов клуб, а тоа сигурно нема да биде Ним во Франција. Напаѓачот моментно е на проба во Зулте Верегем, но прашање е дали ќе ги задоволи барањата и на белгискиот тим.

 

- Оглас -

Најнови вести