Класичен пресврт „два у кец“ – Пред две години ги претепаа, сега масовно доаѓаат да им дадат поддршка

Навивачите на Спортинг Лисабон направија чудесен пресврт од 360 степени и сега доаѓаат во голем број во Академијата на клубот во Алкочете за да ги поддржат своите миленици, кои брутално ги нападнаа на истото место пред две години.

Спортинг Лисабон е прв на табелата, игра одлично во португалското првенство и е лидер на табелата со 23 бода, како единствена екипа без пораз по 9 кола.

Утре во меч од десеттото коло ќе му бидат домаќини на тимот на Пасош де Ферерира, што е шанса со нова победа, осма во првенството за да се зацврстат на врвот на табелата.

Успесите ги привлекоа и ги вратија навивачите на популарните Лавови од Лисабон, кои сега веруваат дека може да се освои 19-тата шампионска круна по долга пауза од 18 години.

Такво расположение кај симпатизерите на Спортинг воопшто не владееше во последните неколку сезони, а во мај 2018 година дури и имаше брутален напад на играчите во Алкочете од група составена од околу 50 хулигани.

Меѓу нападнатите беше и нашиот репрезентативец Стефан Ристовски, кој, за среќа, мина без посериозни последици, но потоа беше сведок на суд во Лисабон.

Ристовски сè уште формално е член на Спортинг, но по казна е префрлен во вториот тим откако ова лето одби трансфер во Динамо Москва.

 

 

- Оглас -

Најнови вести