Претседателката на Мексико уверува дека навивачите за време на СП 2026 ќе бидат целосно безбедни

Мексиканската претседателка Клаудија Шајнбаум им вети на фудбалските навивачи безбедно Светско првенство и покрај неодамнешниот бран на насилство во нејзината земја. Мексико заедно со САД и Канада се домаќини на Мундијалот кој ќе стартува за помалку од 100 дена.

„Можеме да гарантираме пријатен престој во нашата земја“, изјави Шајнбаум за време на заедничката прес-конференција со германскиот претседател Франк-Валтер Штајнмаер во Канкун. Таа уверува дека ситуацијата во земјата во моментов е мирна, но и дека така ќе биде за време на најголемиот фудбалски турнир.

И претседателот на Германија, Франк-Валтер Штајнмаер очекува да нема никакви проблеми во Мексико во периодот кој следува.

„Апсолутно сум убеден дека Мексико ќе направи сè што е во негова моќ за да ја гарантира безбедноста за време на првенството“, рече германскиот претседател.

Шајнбаум ги покани сите навивачи што одат на Светското првенство не само да ги гледаат фудбалските натпревари, туку и да ја посетат целата земја.

Минатиот месец, насилство избувна во неколку мексикански држави по смртта на нарко-босот Немесио Осегуера Сервантес, познат како „Ел Менчо“, за време на операцијата за негово апсење. Беа распоредени тешко вооружени безбедносни сили и најмалку 74 лица загинаа во немирите.

Според планот, вкупно 13 натпревари од Светското првенство ќе се играат во Мексико сити, Гвадалахара и Монтереј.

- Оглас -

Најнови вести