Претседателот на најфудбалската земја порача: Играјте фудбал, мали се шансите да умрете

Бразил е најфудбалската земја во светот, единствена која може да се пофали дека пет пати била светски шампион. И покрај милионите фудбалски фанатици кои едноставно не можат без фудбал, поради пандемијата од Коронавирусот, речиси сите фудбалски активности беа стопирани од 15 март.

По точно еден и пол месец фудбалска пауза, се огласи претседателот на Бразил Жаир Болсонаро, кој порача дека фудбалот треба да продолжи да се игра и покрај тоа што опасниот вирус уште е присутен во целиот свет.

„Многу луѓе во фудбалот сакаат да се вратат на теренот, затоа што невработеноста и економската криза е на прагот и пред вратите на клубовите. Ако фудбалерите се заразат со Коронавирусот, мали се шансите дека може да умрат. Тоа е благодарение на нивната физичка снага бидејќи се спортисти. Не можам јас да ја донесам одлуката фудбалот да продолжи, но јас можам да помогнам во тоа.“, рече претседателот на Бразил, Болсонаро.

Досега единствен претседател во светот беше лидерот на Белорусија Александар Лукашенко кој воопшто ке дозволи фудбалот да прекине во земјата велејќи дека Коронавирусот не е толку опасен.

Во Бразил досега има преку 5.900 починати од Коронавирусот, но претседателот Болсонаро верува дека спортистите не се во опасната категорија на луѓе. Болсонаро е голем љубител на фудбалот, а минатата година се фотографираше заедно со бразилската репрезентација и пехарот од Копа Америка кој го освоија Кариоките.

- Оглас -

Најнови вести