Претседателот на Сампдорија се нуди на него да ја тестираат вакцината против корона-вирусот

Првиот човек на Сампдорија, контроверзниот филмски продуцент Масимо Фереро, изрази подготвеност на него да ја тестираат вакцината против новиот вирус кој со пандемиски размери го зафати светот само за фудбалот во Италија повторно да се игра.

Серија А можеби повторно ќе почне да се игра на 30 мај, без публика, а Фереро ако има потреба од тоа, самиот се нуди за да се забрза процесот на враќање на фудбалерите на терен.

„Ако треба ќе бидам експериментален глушец за новата вакцина, само да играме фудбал. Но, тие кои нè тераат да се вратиме на терен, само продаваат демагогија. Важно е да го победиме овој корона-вирус, сето друго е пропаганда“, изјави Фереро за една локална радиостаница.

Фереро не сака сезоната да продолжи без публика и не му е јасно како челниците на лигата мислат играчите да тренираат социјално дистанцирани.

„Како би функционирало тоа? Играчите треба да трчаат со метри оддалечени еден од друг, а тренерите да им се обраќаат со мегафони? Тоа е лудило. А, фудбал без публика на трибините нема смисла“, критикува претседателот на Сампдорија.

- Оглас -

Најнови вести