Пријателство што трае со децении – Легенди и ривали на терен, заедно во војска, па соиграчи во Бундеслигата (Фото)

Кујтим Шаља и Дарко Панчев беа големи ривали во поранешна Југославија како играчи на Партизан, Приштина и Динамо Загреб, за кои играше Шаља, и на Вардар и Црвена ѕвезда, клубови чии дресови ги носеше нашата Кобра. Сепак, некогашните лути противници се и големи пријатели, па одржуваат контакт и ден денеска по повеќе од три децении.

„Дарко ми е голем пријател, без разлика што бевме на некој начин и ривали на терен играјќи за различни клубови во пораншна Југославија. Бевме во иста класа во војска во Белград, па потоа големи ривали на терен, а патот во кариерите ни се поклопи во Германија. Игравме заедно во Фортуна Диселдорф и сè уште се слушаме. Дарко беше голем играч и еден од најдобрите стрелци во поранешната држава“, вели Шаља.

Војничките денови ги минаа заедно во Белград во 1988/89, потоа ривалството го продолжија на терен, Панчев во дресот на Црвена ѕвезда, а Шаља како играч на Динамо Загреб, а потоа им се вкрстатија патишата во Германија, во дресот на ист клуб.

Во сезоната 1995/96 напаѓачкиот тандем играше за тогашниот и сегашен бундеслигаш Фортуна Диселдорф.

Дарко беше малку поуспешен со два гола на 14 натпревари. Шаља одигра 15 меча и, за чудо, за таков напаѓач не успеа во таа сезона да ја затресе мрежата на противниците.

Големите пријатели пак ќе бидат лути ривали идната година, кога ќе треба да се одигра полуфиналниот меч меѓу Македонија и Косово во Лигата на нациите, на патот до евентуален настап на Европското првенство што е презакажано за 2021 година.

 

- Оглас -

Најнови вести