Притисокот е врз Спарс, МЗТ покажа дека може да победи во Сараево

МЗТ Скопје Аеродром го направи првиот од неколкуте чекори кон враќањето во АБА-лигата, влезе во плејофот на АБА 2, но сега ќе треба со победи на гости да обезбеди камбек во регионалната елита. Вечерва, од 20 часот, во Сараево, МЗТ гостува кај Спарс со надеж дека ќе триумфира и во третиот меѓусебен дуел против оваа екипа со која до претпоследното коло се бореа за втората позиција и домашна предност во плејофот.

Полуфиналето се игра во две добиени, па затоа МЗТ може да му зададе силен удар на противникот доколку победи во Сараево. Наредниот меч се игра в недела, во Скопје, а евентуалната мајсторка на 28 март во Сараево.

„Немаме право на грешки. Секој меч во плејофот е приказна за себе. Добро се познаваме со Спарс, не очекуваме некои изненадувања. Треба со агресивна и мотивирана игра да го наметнеме нашиот ритам. Ако успееме, може да се надеваме на победа и да дојдеме на чекор од финалето“, вели Лестер Медфорд, кој ќе има плејмејкерски дуел против Немања Протиќ, некогашниот член на МЗТ.

Спарс сезонава дома загуби само два меча, едниот од МЗТ. Во другото полуфинале, од 18 часот, во Копер играат Приморска и Борац Чачак. Словенците се фаворити, но и Србите си имаат свои сметки.

Дуелот Спарс – МЗТ ќе се пренесува на спортската телевизија Арена 1.

- Оглас -

Најнови вести