Проблем за Елмас, Наполи во преговори со УЕФА и британската влада

Четворица фудбалери на Наполи, меѓу кои и македонскиот репрезентативец Елиф Елмас, можеби нема да добијат дозвола за влез во Велика Британија, каде што Наполитанците треба да се сретнат со англискиот Лестер во Лигата ан Европа и тоа е проблем со кој се преокупирани во клубот од Неапол, покрај тоа што утре имаат дерби со Јувентус.

Наполи в четврток треба да гостува во Лестер, но четири члена на италијанскиот тим, меѓу нив и Елмас, се вратија од патување во „ризични земји“ и според актуелните правила во Велика Британија, тие ако влезат на Островот, мора да заминат во изолација од десет дена, што би значело дека не би можеле да играат.

Освен Елмас, во Велика Британија не смеат да влезат ниту Оспина, Осимен и Рахмани. На Елмас и Рахмани, кои денеска се по амбасади во Рим, им треба и виза за влез во Англија.

Сепак, УЕФА е во преговори со британската влада да се направи исклучок и на фудбалерите на Наполи да им се даде дозвола да играат и да не бидат во изолација од десет дена. Таква дозвола веќе добија тенисерите кои играат на Вимблдон.

Ако Британците не попуштат, тогаш има опција мечот да се игра во Неапол или на неутрален терен, а не во Лестер.

- Оглас -

Најнови вести