Проблеми за Дортмунд, Хумелс и Санчо неизвесни за „Дер класикер“

Стручниот штаб на Борусија Дортмунд има проблем со подготовката за германскиот „Дер класикер“, во кој задутре „жолто-црните“ играат дерби со првакот и актуелен лидер на бундеслигашката табела, Баерн Минхен. Неизвесен е настапот на столбот на одбраната Матс Хумелс, како и на првиот асистент во лигата, англиското крило Џејсон Санчо.

Тренерот Лусиен Фавр не е сигурен дали 20-годишниот Санчо ќе може да игра против баварците. Стартер сигурно нема да биде, бидејќи не може да игра 90 минути.

„Тој имаше повреда и тренираше со тимот само 10 дена. Тоа е прилично малку. Не можам со сигурност да кажам дали тој ќе може да игра во вторник“ – изјави Фавр.

Но, тоа не е единствената грижа за Фавр. Хумелс кој има хронична повреда на ахиловата тетива, беше повлечен од игра на полувремето од вчерашниот меч со Волфсбург, па и за него не се знае дали ќе може да настапи против својот некогашен клуб. Фавр рече дека се надева оти Хумелс ќе може да помогне во големото дерби.

- Оглас -

Најнови вести