Професорски хуманитарен тикет од докажан експерт за спорт и фанатик на Челзи

Хуманитарниот тикет во акцијата на Sport Life овојпат е дело на човек кој е познат во јавноста како професор на Факултетот за физичко образование, спорт и здравје, некогашен активен политичар, беше и во Управниот одбор на ФФМ, а во последно време работи на еден прекрасен хуманитарен проект.

Иван Анастасовски примарно е професор по социологија на физичко образование и спорт на ФФОСЗ, но голем дел од своето време го минува во велнес центарот „Sky wellness“ во комплексот Џевахир скај сити, каде што има базен и модерна фитнес-сала.

Вели дека случајно навлегол во работа на проекти со луѓе од маргинални групи, конкретно за пливање на деца со попреченост и пливање за лица со оштетен вид.

„Овие активности се од есенцијално значење за психозифичката состојба на тие луѓе. Град Скопје и Општина Аеродром ни помагаат за овие лица да ги користат благодетите на водата и да имаат подобра социјализација. Тие нема да станат професионални пливачи, но сакаме да бидат среќни, да се чувствуваат добро и подоцна сами да се борат за своите права во општеството“, вели Анастасовски.

Анастасовски се повлекол од позицијата продекан на факултетот бидејќи му требало повеќе време да се фокусира на приватниот сектор, каде што има активности. Работата на факултетот во периодов на панедемија му е онлајн, обврските му се сведени на виртуелна комуникација со студентите и колегите.

„Во прв момент бев скептик за начинот на онлајн учење, но јас сум теоретичар. Не знам како функционира кај оние колеги кои предаваат практични предмети, но кај мене се покажа како позитивно. Во јануари ќе ми почнат испитите, па ќе видиме какво ќе биде тоа искуство“, додава професорот.

ПЛАСМАНОТ НА ФУДБАЛСКОТО ЕП ТРЕБА ДА СЕ ИСКОРИСТИ МАКСИМАЛНО

„Пласманот на ЕП е огромен успех, радост е за сите што следната година ќе имаме прилика нашата репрезентација да ја гледаме на ЕП. Остварен е сонот на секој фудбалер и на секој поединец. Сега е важно да не се повтори како во минатото, кога кошаркарите и ракометарите правеа успеси. Државата треба да извлече поука од ова и да го следиме примерот на Грција, која во 1987 стана европски првак во кошарка и цела држава направи модерна инфраструктура за поголема популарност на кошарката, а од ѕвездата Галис направија икона. Од масовност излегува квалитет, треба да се направат што повеќе игралишта, младите да тренираат и во иднина да имаме национален тим кој ќе биде конкурентен да се бори за пласман на европско, светско првенство или Олимписки игри“, смета Анастасовски.

ЧЕЛЗИ МУ Е ВО СРЦЕТО, МЕЧЕВИТЕ НА СИНИТЕ МУ СЕ ГОЛЕМ СТРЕС

„Јас сум огромен фан на Челзи, така е од 2008 година, кога бев во посета на стадионот Стемфорд бриџ и во куќата на Френк Лампард. Ми остави посебен впечаток областа каде се наоѓа клубот, нивото на културата на луѓето од тој дел на Лондон и како тие го поддржуваат Челзи. Тие се врзани за тој дел од градот, Челзи не заминува, не се сели од таа локација. Еве Арсенал го напушти Хајбери и клетвата уште ги следи. Начинот на живот на таа популација ми остави впечаток. Матиќ, кој сега е во Манчестер јунајтед, беше нашата врска во Челзи и преку него и уште еден пријател имавме чест да бидеме гости на натпреварот со Марибор во ЛШ, седевме во хотелот со нив. Тогаш менаџер беше Специјалниот Мурињо, кој за мене е број 1, тој ја донесе титулата по многу години. Сега кога ги гледам мечевите на Челзи, тоа за мене се стресни ситуации. Не може да се потрошат 300 милиони евра, а да не се даде гол, тоа е срамота и понижувачки за секој фан“, вели Анастасовски, кој минатата недела имаше разочарувања, но ќе продолжи да се обложува на омилениот тим.

„Челзи некогаш ми прави голема радост и задоволство, а некогаш такви нервози и стресови, што мислам дека дома сум подготвен да демолирам сè. Секогаш го играм Челзи дека ќе победи и со три плус голови. Никогаш не сум се обложил против Челзи. Вујко ми секогаш ми вели да не бидам пристрасен како обложувач, но тоа не можам да го променам. Секогаш се обложувам на Челзи, тоа не се големи суми пари, го правам за поголем адреналин. Два плус гола е мојата игра, сакам да уживам во Премиер лигата, без разлика кој игра“, раскажува Анастасовски.

ИСТРАЖУВАЛ И ЗАКЛУЧИЛ ДЕКА СПОРТСКОТО ОБЛОЖУВАЊЕ НЕ Е ЕРЕС

„Се обложувам долги години, тоа не е ерес, јас го чувствувам како пасија. Како истражувач, правам разлика помеѓу спортско обложување и коцкање. Сакам да докажам дека не сум зависник, туку тоа го правам од пасија и за поадреналински да ги следам мечевите. Јас и синот од петок вечерта до понеделник вечерта ги гледаме буквално сите натпревари од англискиот шампионат.

Играчи кои настапувале и во Премиер лигата и во други топ лиги велат дека таму мора да се трча 90 минути, максимално да бидете физички подготвени за да се издржи напорот. Сите дуели се силни, мора побрзо да се ослободите од топката. Кој нема да го сфати тоа, нема да успее во Англија како фудбалер. Дефанзивците се многу силни, судиите не ги заштитуваат напаѓачите. Во Премер лигата цените на билетите се до 300 фунти за еден меч и ако платам толку пари, дали сакам некој да се шета како манекен и да глуми или да уживам? Тимовите го ценат тоа и на публиката ѝ нудат 90 минути борба“, завршува големиот вљубеник во Челзи и Премиер лигата.

- Оглас -

Најнови вести