Ракометната репрезентација на Македонија доживеа неочекуван пораз на гостувањето кај Литванија со 29-27, во меч од квалификациите за пласман на Европското првенство. После тешката победа над Естонија на домашен терен во првото коло, избраниците на Кирил Лазаров потклекнаа против мотивираните литванци и само си го компликувавме патот до континенталниот собир.
Ова беше четврти официјален натпревар помеѓу Литванија и Македонија, а ние се уште немаме победа против селекцијата од Балтикот.
Македонската репрезентација одигра лошо прво полувреме, во кое освен почетното водство од 1-0 и 2-1, темпото го диктираа домашните, кои на моменти имаа и предност од три гола разлика, но сепак, на паузата се замина со минимално водство за Литванија од 13-12.
На стартот од второто полувреме, веднаш пресврт и водство на Македонија, но не успеавме да се одлепиме, па водството го имавме се до 21-20, а потоа повторно домашните поведоа, а во финишот од мечот и со два гола предност, што на крајот се покажа и како доволно за победа. Ние до крајот иако форсиравме, сепак не успеававме да се вратиме резултатски, па на крајот и заслужено бевме поразени.
Филип Кузмановски со осум гола беше најефикасен, додека Пешевски и Серафимов мечот го завршија со по пет гола. Квалификациите за пласман на Европското првенство ги продолжуваме во март следната година со двомеч против Словенија.