Прв меч и веднаш шок на фудбалскиот турнир во Токио

Шпанија важи за главен фаворит на фудбалскиот турнир на Олимписките игри во Токио, но тоа не се потврди по првиот меч на Црвената фурија. Иако беа големи фаворити во дуелот против Египет, Шпанците одиграа само 0:0 во мечот кој го отвори ова натпреварување.

Црвената фурија на ЛОИ турнирот е во екстра состав, со голем број фудбалери кои беа дел и од Европското првенство, па во стартниот тим против Египет беа голманот Симон, Торес, Мингуеза, Педри, Олмо, Ојарзабал, а засилени со искусниот Асенсио од Реал се очекуваше лесно да го скршат отпорот на Египѓаните.

Сепак, на теренот се покажа спротивното. Египет одлично се бранеше и не му дозволи на протвникот да создаде многу шанси. На крајот џабе беа седумте корнери за Шпанија и 10-те упатени шута кога не успеаја ниту еднаш да ја затресат мрежата на Египет.

Од 13:30 часот денеска се игра дербито од првото коло на фудбалскиот турнир на ЛОИ меѓу Бразил и Германија.

 

- Оглас -

Најнови вести