Кошаркарскиот клуб Работнички сепак не е во можност дополнително да испрати свој тим на турнирот од АБА 2 лигата во Бања Лука, па еден од двајцата македонски претставници во ова регионално натпреварување ќе добие три службени порази од по 0-20. Следниот настап на Работнички во втората јадранска лига треба да биде на следниот трети турнир, на кој во првото коло треба да игра дерби против МЗТ Скопје Аеродром.
Во Работнички има четворица заразени кошаркари, а речиси целиот прв тим и стручниот штаб се во изолација, па одлучено е да не се прават непотребни „екскурзии“ до Бања Лука и се помирија со службени порази. И покрај тие три службени порази од Спарс, Горица и Златибор, Работнички на последните два турнири и шест кола, со добри резултати ќе има шанса да влезе во плејофот и да разигрува за пласман во главната АБА-лига.
Од АБА-лигата им посакаа на центарци да ја надминат оваа непосакувана ситуација и позитивните што побрзо да закрепнат.
МЗТ има четири победи во пет кола, а в петок од 13 часот Штрковите играат против српскиот тим Слобода Ужице.