Работнички реди победи денеска падна и Силекс, Тиквеш ја демолира Брера

Работнички стигна до петата победа во последните шест кола во Прва фудбалска лига на Македонија, откако попладнево на арената „Тодор Проески“ без многу проблеми со 2:0 го победи Силекс. Ова беше меч од 24 коло, а сите дилеми околу победникот беа решени уште во првото полувреме.

Иако Силекс во Скопје допатува како четвртопласиран на табелата со 40 бодови, додека Работнички имаше само 19 бодови и е на претпоследното место, домаќините немаа проблеми да се радуваат на триумф. Јован Попзлатанов беше стрелец на двата гола за домашниот тим.

Најпрво во 13 минута, Попзлатанов беше на вистинското место и од непосредна близина погоди за 1:0. Се играше 34 минута кога истиот фудбалер повторно ја затресе мрежата на Силекс и зголеми на 2:0. Во крајот на дуелот, двете екипи немаа некоја поголема шанса за погодок, па Романтичарите се радуваа на три бода со кои сега стигнаа со 22 бодови. Тимот од Дебар Маало уште е на претпоследното место, но сега е уште еден чекор поблиску во обид да се спаси од испаѓање.

Во Кавадарци, Тиквеш ја растури Брера и славеше со 6:1. Спектакуларен беше стратот на овој меч кога Мартин Стојанов во 10 минута постигна еврогол со „ножички“ за водство на Тиквеш од 1:0. Атрактивниот гол на Стојанов може да го видите ТУКА.

До крајот на првото полувреме Тиквеш водеше со 4:1. За домаќините погодуваа Стојилевски (автогол) во 32 минута, Стојанов во 34 минута и Тасев во 41 минута. Единствениот гол за гостите го даде Макиќ во 27 минута кога израмни на 1:1, но тоа беше премалку од гостите.

Во второто полувреме Тиквеш постигна уште два погодоци и стигна до убедлива победа. Со овој триумф, Тиквеш сега има 36 бодови и е на петото место на табелата, додека Брера остана 28 бодови и е на седмото место.

 

- Оглас -

Најнови вести