Ракометарките дадоа силен отпор против Словенија, малку фалеше да останат непоразени

Женската ракометна репрезентација загуби на гостувањето во Целје кај Словенија со 28-29, во рамките на ЕХФ Еврокупот, натпреварување во кое играат четирите селекции кои не учествуваат во квалификациите за Европското првенство во ноември, а тоа се: првакот Норвешка и кодомаќините Македонија, Словенија и Црна Гора.

Македонија не водеше ниту еднаш во првото полувреме. При резултат 1-1, Словенките направија серија од 3-0, а имаа и плус пет (10-5), но избраничките на Љубомир Савевски се вратија со серија од 5-1 и на полувреме се замина со 15-14 за Словенија.

Потоа во второто полувреме, Македонија тргна добро, успеваше и да поведе минимално во неколку наврати, но Словенија со серија од 3-0 го презеде водството и го одржуваше на еден до два гола предност. Во последните две минути не падна ниту еден гол, па шансата да се освои барем бод не беше искористена. Последниот обид го имаше Гичевска на 15 секунди до крајот.

Најефикасни во македонскиот национален тим беа Симона Стојковска со 8, Леонида Гичевска со 7, Сара Ристовска со 6 и Моника Јанеска со 5. Кај Словенија се истакна Ана Грос со 10 гола.

Вториот двобој против Словенките ќе се игра во „Борис Трајковски“ во Скопје, в недела од 18.30 часот.

- Оглас -

Најнови вести