Рамос со емотивна објава зошто го носи дресот со бројот 15 во шпанската репрезентација

Серхио Рамос денеска со капитенската лента на рака треба да ја предводи шпанската репрезентација на гостувањето кај Шведска, во обид Црвената фурија и официјално да обезбеди место на завршницата на Европското првенство кое се игра следната година. За Рамос ова ќе биде 169-ти настап во националниот тим, со што само го подобрува рекордот за играч со најмногу настапи во репрезентацијата. Зад него сега остана и Икер Касилјас, кој имаше 168 меча за Шпанија.

Прославувајќи го рекордот, но и фактот дека вечерва Шпанија гостува кај Шведска, Рамос реши да открие зошто го носи дресот со бројот 15 во националниот тим. Тоа е во чест на трагично починатиот Антонио Пуерта. Рамос и Пуерта беа соиграчи во Севилја, а Антонио почина од срцев удар, и тоа за време на меч од шпанското првенство. Пуерта беше член и на шпанската репрезентација и го носеше дресот со бројот 15. По неговата смрт, Рамос реши во чест на Антонио да го носи токму дресот со бројот 15 кога ќе игра за Шпанија.

„Пред 13 години и една недела играше за Шпанија на гостувањето во Шведска. Требаше да одиграш уште многу мечеви, но да знаеш дека секогаш ќе бидеш дел од овој тим. Мојот број 15 е за тебе, бидејќи ти го носеше тој број. Сите ќе те памтиме вечно“, напиша Рамос во пораката на „Инстаграм“.

- Оглас -

Најнови вести