Ремзи: Ќе бидам добар наследник на осумката на Маркисио

Велшкиот фудбалер Арон Ремзи беше претставен како нов играч на Јувентус, а тој во редовите на Старата дама ќе го носи дресот со бројот 8. Ремзи дојде од Арсенал и ќе го засили средниот ред на тимот кој ќе се бори за титули на повеќе фронтови, па сигурно ќе има шанса да покаже дека заслужува да го носи црно-белиот дрес.

„Среќен сум што дојдов во Јувентус, ова е еден од најголемите клубови на светот. Кога слушнав дека Јуве се интересира за мене, веднаш си реков дека тоа е предизвик и би бил како сон ако го облечам дресот на овој клуб. Работам напорно за да се подготвам што е можно побрзо. Добро ме примија и играчите и фановите. Се сретнав и со тренерот Сари, одвај чекам да му помогнам со тимот да ги оствариме големите амбиции. Мислам дека можеме истовремено и да победуваме и да играме убаво. Закрепнувам од повредата, уште не сме одлучиле дали ќе одам на турнејата во Азија“, рече новата осумка на Јувентус.

Ремзи смета дека може да му помогне на тимот со асистенции и голови, може да игра и подефанзивно, но уште не знае каква улога ќе му биде дадена во Старата дама, каде што конкуренцијата во средниот ред е многу силна.

„Го сакам бројот 8 и кога слушнав дека е слободен, немаше дилеми кој дрес ќе го земам. Голем шампион како Маркисио ја носеше осумката и мене ми е чест и гордост што ќе го наследам“, додаде Велшанецот.

- Оглас -

Најнови вести