„Расипан“ е менталитетот на големите ѕвезди: Би потрошиле 60.000 долари во стриптиз-клуб, но не и да нахранат 2.500 луѓе

Еден од најконтроверзните играчи во последните десетина години во НБА-лигата, Џеј-Ар Смит, по заминувањето во пензија, реши да го критикува начинот и менталитетот на живеење на најголемите кошаркарски ѕвезди.

На гостувањето во емисијата „Јас сум спортист“, Смит ги искара сегашните НБА-ѕвезди дека не придонесуваат доволно за развој на неразвиените заедници во земјата.

„Имаме длабоко всаден менталитет дека треба да се грижиме само за себе. Не сакаме да му помогнеме никому. Која банка ќе ни рече „не“? Имаме сè што е потребно за да ја изградиме нашата заедница. Да изградиме сали за вежбање, центри за дружење…Што нè сопира? Имаме пари, но немаме вистински начин на размислување“, рече поранешниот играч на ЛА лејкерс, Њујорк никс, Кливленд и Денвер.

Џеј-Ар Смит е познат по своите контроверзни постапки на теренот, но и надвор од него. Познат беше како кошаркар кој сакаше лудо да се забавува, а едно време беше во врска и со пејачката Ријана.

„Попрво би потрошиле 60.000 долари во стриптиз-бар отколку да излеземе надвор и да нахраниме 2.500 луѓе во населбата. Јас лично сум бил во можност најмалку 10 пати да ги нахранам тие луѓе со парите што ги имам потрошено на забави. Бев многу ограничен. Само гледав дали ми треба оваа или онаа јакна. Дали ми треба некоја торбица или панталони. Кого всушност сакав да импресионирам?“, отворено зборуваше Смит, кој додаде дека секогаш чувствувал дека нешто му недостасува.

Кошаркарот вели дека за него многу работи се промениле кога во 2016 година ја освои шампионската титула со Кливленд.

„Имав сè што можев да посакам, но чувствував дека нешто ми недостасуваше. Долго време бев во депресија затоа што не можев да откријам што е тоа што ми фалеше. Ќе отидевме во стриптиз-бар, ќе се напушевме и ќе се глупиравме, додека надвор многу луѓе умираат“, поентираше Џеј-Ар Смит, кој ќе остане запамтен и по големата грешка што ја направи во првиот меч од финалето во 2016 година, кога со топката „избега“ од под обрачот и пропушти напад за победа.

 

- Оглас -

Најнови вести