Распад во најава: Заминуваат ли двете ѕвезди на Тотенхем?

Тотенхем тешко ќе ја преболи елиминацијата во Лигата на Европа, особено што им ја нанесе храбриот Динамо Загреб кој вчера победата од 3-0 приреди сензација на „Максимир“.

Освојувањето на трофејот во ова натпреварување беше единствена шанса за Петлите да обезбедат пласман во Лигата на шампионите следната сезона, но сега откако останаа со празни раце, можно е екипата на Жозе Мурињо да претрпе тотален распад.

Англиските медиуми тврдат дека првите ѕвезди на тимот, Хари Кејн и Сон Хеунг-мин, ќе тргнат во потрага по нови предизвици, односно да играат во екипи со поголеми амбиции. Питер Крауч, ексфудбалерот на Тотенхем, смета дека офанзивното дуо заслужува да игра во најелитното континентално натпреварување, и е еден од оние кои најави заминување на Кејн и Сон.

„Кејн несомемно е играч за Лигата на шампионите. Неговото име треба да биде во редот со Левандосвки, Халанд, Мбапе, а не да трпи разочарување во Лигата на Европа од Динамо. Сигурно сега му се вртат секакви мисли во главата. Тој е лојален на клубот, но фактот што му недостасуваат трофеи во кариерата може да го натера да бара нов предизвик. Оваа елиминација може да се покаже како клучна за Кејн и Сон да побараат трансфери во други клубови по крајот на сезоната“, истакна Крауч.

Квалитетот на Кејн и Сон е неспорен, но Тотенхем тешко се откажува од своите најдобри фудбалери, а воедно пандемијата со корона-вирусот им оневозможи на повеќето европски гиганти да се расфрлаат со пари, па затоа се поставува прашањето дали ќе се истакне клуб кој ќе може финансиски да ги обезбеди услугите на најдобрите играчи на Петлите.

- Оглас -

Најнови вести