Рекорд стар 15 години е срушен за неверојатни шест и пол секунди!

Неверојатниот Џошуа Чептегеји повторно го воодушеви спортскиот свет. На митингот во Валенсија, момчето од Уганда успеа да го сруши светскиот рекорд на патеката од 10.000 метри. По 10 километри трчање, времето застана на 26 минути и 11 секунди, што е точно шест секунди и 53 стотинки подобро време од досегашното најдобро планетарно остварување на Кененисе Бекеле.

Цели 15 години Бекеле беше недостижен за останатите атлетичари, но синоќа во Валенсија едноставно сè беше подготвено да се урне светскиот рекорд. Чептегеји имаше помош од неколку пејсмејкери, кои го диктираа темпото на трката во првите 5.000 метри. Потоа Чептегеји остана сам да се бори со времето, но имаше и помош од светлосните сигнали покрај патеката, кои постојано му сигнализираа колку е блиску или далеку во однос на светскиот рекорд.

Иако во втората половина од трката беше сам, Чептегеји успеа да истрча побрзо темпо. Ако во првите 5 километри времето на минување му беше 13:07,73 минути, во втората половина истрча за 13:03,27 минути.

„Ги исполнив моите, но и очекувањата на сите луѓе од мојот тим. Рекордот на Кененисе Бекеле опстојуваше 15 години и важеше за еден од оние кои најтешко дека може да се достигнат. Добро се подготвив, го дадов најдоброто од себе и на крајот успеав“, рече новиот светски рекордер Џошуа Чептегеји.

Ова е вторпат атлетичарот од Уганда да му сруши рекорд на легендарниот Етиопиец Бекеле. На 14 август на митингот од Дијамантската лига во Москва успеа да го сруши и рекордот на 5.000 метри откако на целта стигна со време од 12:35,36 минути. Ова време на Чептегеји беше за секунда и 99 стотинки побрзо од рекордот на Бекеле.

- Оглас -

Најнови вести