Рекордерот на Аргентина најави повлекување од фудбалот

Хавиер Маскерано вечерва го одигра последниот натпревар во својата богата кариера откако со својот Естудијантес загуби со 0-1 од Аргентинос во Купот на Аргентина.

На 36 години Маскерано реши да ги закачи копачките на клин. Како рекордер по бројот на настапи (147) за Аргентина, посочи дека пандемијата со корона-вирусот имала влијание околу одлуката да се пензионира.

„Сакам да му се заблагодарам на Естудијантес што ми ја исполни желбата да ја завршам кариерата во тактовината. Многу работи се случија во изминативе неколку месеци, па некако логично ми беше да се повлечам“, истакна Маскерано.

Некогашниот капитен на Гаучосите зад себе остава исклучително успешна кариера како играч на Ривер плејт, Коринтијанс, Вест хем, Ливерпул, Барселона, кинескиот Хебеј и на крајот Естудијантес.

Во дресот на Каталонците се закити дури со 19 трофеи во периодот од 2010 до 2018 година, додека на репрезентативно ниво најголем успех му се златните медали од Олимписките игри во 2004 и 2008 година.

- Оглас -

Најнови вести