Ракометната федерација на Македонија донесе предлог за прекин и завршување на домашниот шампионат, а титула да не му биде доделена на ниту еден клуб.
Земајќи ја предвид прогласената вонредна состојба во државата, како и нејзиното продолжување заклучно со 15.05.2020 година, дополнително и самиот факт дека поголемиот број договори на ракометарите/ките со клубовите имаат валидност заклучно до 31.05.2020 година, како и насоките од Европската ракометна федерација за завршување на националниот систем на натпревари до 31.05.2020 година, се наметнува заклучокот дека моменталната состојба не дозволува и не постојат реални услови за регуларно завршување на домашното првенството.
За сезоната 2019/20 година ќе биде доставен предлог до УО на РФМ да нема прогласување на победник во националниот систем на натпревари во сите конкуренции и категории, истиот предлог ќе биде доставен и за Купот на Македонија 2020 година.
Местата во Европските клупски натпреварувања во ЕХФ и местата во регионалната СЕХА-лига ќе бидат распределени согласно критериумите од страна на УО на РФМ. Предлогот опфаќа и проширување на Супер лигата на 16 клуба. Нема да има испаѓање, се враќаат екипите од СЕХА, а влегуваат и четири екипи од Прва лига.