Рики им објасни на Израелците: Не сте фаворити и немате играчи како Пандев, Елмас, Барди…

Да не ја потценувате Македонија со играчи што настапуваат во Топ-5 лигите во Европа и со неколку млади фудбалери од генерацијата што направи голем подвиг и учествуваше на Европско првенство до 21 година во Полска, вели Ристе Митревски, наш интернационалец, кој играше во израелското првенство до лани.

Популарниот Рики одлично ги познава состојбите во двата табора, а во интервју за израелски „Спорт 5“ вели дека очекува интересен меч.

„Шансите се подеднакви, иако во Израел некако владее атмосфера дека домаќинот е фаворит. Јас ќе навивам за мојата земја, за Македонија и знам дека нема да ви биде лесно. Горан Пандев долго игра во Серија А во Италија, а Израел во моментов нема таков играч. Елиф Елмас оди по неговите стапки, потпиша за Наполи, потоа тука се и Илија Несторовски кој се пресели во Удинезе, Барди игра во Ла Лига за Леванте, а Трајковски му се приклучи во силната шпанска лига во дресот на Мајорка. Кога ќе го погледнете индивидуалниот квалитет и реномето на клубовите и играчите, кој, каде настапува, не можам да најдам аргумент за фавористка улога на Израел“, вели Митревски.

Стоперот си замина од редовите на Хапоел Хаифа по освоениот куп-трофеј, а сега игра во кипарското првенство.

„Минав прекрасни моменти во Израел и секогаш ќе ми бидете при срце, но вечерва навивам за Македонија и очекувам добар резултат на мојата земја“, додаде Митревски.

Мечот ќе се игра од 20.45 часот на стадионот „Тото Тарнер“ во Бер Шева пред 15 илјади гледачи, колку што е и капацитетот на стадионот.

 

- Оглас -

Најнови вести