Рио нема дилеми: Лампард е перфектен за Челзи

Рио Фердинанд, поранешниот дефанзивец на Манчестер јунајтед, го потенцираше ексколегата од англиската репрезентација, Френк Лампард, како идеален тренер за Челзи. Фердинанд вели дека Лампард е перфектна опција за клубот од Лондон, иако тој нема големо тренерско искуство.

Како што е веќе познато, Маурицио Сари е на излезна врата и наскоро ќе биде назначен за нов тренер на Јувентус, а шампионот во Лигата на Европа потрагата за нов тренер може да ја заврши со назначување на поранешната легенда и миленик на навивачите на лондонскиот клуб, односно тренерот на Дерби.

„Доста е веќе со тие „големи“ менаџери, Челзи такви имаше многу во изминативе години. Мурињо, Анчелоти, Конте, никој од нив не се задржа повеќе од две или три години. Луѓето зборуваат дека Лампард нема искуство да води голем тим, но, какво искуство имаше Гвардиола кога ја презеде Барселона? Никакво, беше тренер на младинците на Барса, а направи огромен успех со првиот тим на Каталонците. Затоа сметам дека е време Челзи да си ја смени политиката и да му ја даде довербата на Лампард. Тој е легенда на клубот, знае сè што се случува во тие простории. Едноставно е перфектен за работата, а може и да го смени изгледот на екипата, да им даде шанса на помладите играчи од академијата, нешто што ретко го правеа претходните менаџери“, истакна Рио Фердинанд.

Лампард како стратег работи помалку од една година. Во својата прва сезона како предводник на второлигашот Дерби стигна до финалето од разигрувањата за пласман во Премиер лигата, каде што претрпе пораз од Астон вила. Сепак, легендата на Сините покажа одлични стратешки способности, па така доби поддршка од Фердинанд да биде иден менаџер на тимот од „Стемфорд бриџ“.

- Оглас -

Најнови вести