Трилингот Адеми, Ристовски и Трајковски во еден глас: Македонија има квалитет и талент за уште поголеми дела

Аријан Адеми, Стефан Ристовски и Александар Трајковски најавија нови успеси и убави моменти што ќе ни ги приредува македонската фудбалска репрезентација, а чудото во Дуисбург и победата против Германија е само потврда на квалитетот и талентот што го има оваа генерација.

„Убаво е да се играат вакви натпревари и да се победи репрезентација која имаше само два порази во квалификации за настап на Светско првенство. Како одминува времето, сè повеќе сфаќаме каков успех направивме. Германија е четирикратен светски првак со многу богата историја, со клубови како Баерн што се синоним за европскиот и светски фудбал. За вакви натпревари и победи се живее, но македонската репрезентација има и квалитет и талент за уште успеси“, вели Ристовски.

Александар Трајковски се разигра во дресот со националните бои, веќе е втор стрелец во историјата на македонскиот репрезентативен фудбал, а најавува дека оваа генерација може уште повеќе.

„Секако дека сум пресреќен, не е шега да се победи една фудбалска величина каква што е Германија. Мило ми е што покажуваме во континуитет дека можеме рамноправно да играме со сите. Имаме сè што треба да продолжиме во ист стил“, вели Трајковски.

Македонија го слави огромниот успех и победа против Германија, но и полека ќе почне со подготовки за учество на Европското првенство во јуни и јули, прво за нас на големите натпреварувања.

Аријан Адеми е еден од главните столбови, борец што никогаш не се откажува, а настапите му се епски. Иако беше повреден, инсистираше да игра против Грузија во Тбилиси, во меч што го добивме со 1:0 и запишавме историја со настап на ЕП, а и против Германија добиваше удари, што ги издржа и стигна да биде асистент за победничкиот гол што го даде Елиф Елмас.

„Ова е голема победа за сите нас. Верувавме во нас и заслуживме да се радуваме на ваква голема победа. Кога човек верува во нешто, тогаш сè е остварливо, па и да се победи големата Германија. Имаме квалитет и прекрасна атмосфера што ни носи успеси. Верувам дека ќе бележиме уште многу успеси и дека рамноправно ќе играме со сите и на Европското првенство“, изјави Адеми.

Ќе играме во Букурешт против Австрија на 13 јуни, четири дена подоцна со Украина на истото место, а завршниот меч во фазата по групи ќе ни биде во Амстердам против Холандија.

Во септември ќе продолжи и квалификацискиот циклус за настап на Мундијалот во Катар, а Македонија по три кола има шест бода и е на втората позиција, што ги подгрева надежите за подвиг и настап на прво Светско првенство.

 

- Оглас -

Најнови вести