Ристовски погоди за Динамо, но хрватскиот првак загуби на гости кај претпоследниот тим на табелата

Стефан Ристовски го постигна единствениот гол за Динамо Загреб, кој беше поразен на гостувањето кај Шибеник со 2:1, во меч од 25. коло во хрватското првенство. За Динамо ова е втор пораз, но Модрите остануваат сигурни лидери на табелата со 56 бодови, дури 12 повеќе од вториот Хајдук. За Шибеник ова беа вредни три бода во трката за опстанок, затоа што стигна до 23 бодови и сега има седум повеќе од „фенерџијата“ Горица.

Шибеник одигра одлично во финишот на првото полувреме, кога домаќинтие постигнаа два гола. Матиќ и Долчек погодија за домаќините, а Ристовски по еден корнер во 64 минута даде гол за Динамо, кој на крајот се покажа како недоволен да се избегне поразот.

За Ристовски ова беше трет гол сезонава во хрватското првенство, откако претходно погодуваше во дуелите против Локомотива и Истра. Во тимот на Динамо го немаше долгогодишниот капитен Аријан Адеми, кој направи трансфер во кинескиот тим Пекинг Гуан.

Тренерот на Динамо, Анте Чачиќ по мечот изрази незадоволство, но потенцираше дека ако веќе морало да загубат од Шибеник добро е тоа што е во првенството, а не во Купот каде овие два тима повторно ќе играат.

- Оглас -

Најнови вести